Општина Илинден започна со реализација на проектот за пренамена на постојната кујна во детската градинка „Гоце Делчев“, со што ќе се обезбедат дополнителни простории за престој и згрижување на дечињата.
По изградбата на новата централна кујна, чија реализација е во завршна фаза, постојниот кујнски простор ќе биде целосно реконструиран и пренаменет во две нови занимални. Во рамки на градежните активности е предвидена изведба на нови преградни ѕидови и подови, хидроизолациски, керамички, молерофарбарски и фасадерски работи, како и поставување нова внатрешна и надворешна столарија. Ќе бидат изведени и нови електрични инсталации и осветлување, заедно со сите други потребни градежно-занаетчиски работи за создавање безбеден, функционален и современо уреден простор за најмладите.
Со реализацијата на проектот ќе се создадат услови за згрижување на дополнителни 50 деца, а вкупниот капацитет на детската градинка „Гоце Делчев“ ќе достигне околу 650 дечиња, со што Општина Илинден ја потенцира својата заложба за подобрување и проширување на капацитетите за предучилишно згрижување, како и за создавање квалитетни услови за престој, воспитување и развој на најмладите жители.