Улица 9 бр. 38, 1041 Илинден • 02/2571-703
Република Македонија

Општина Илинден

Соопштенија

Општина Илинден со нов ГИС портал – урбанистичките информации со еден клик до граѓаните

Општина Илинден со нов ГИС портал – урбанистичките информации со еден клик до граѓаните

Општина Илинден продолжува со дигитализација и модернизација на општинските услуги, со цел поголема транспарентност, ефикасност и полесен пристап до информации за граѓаните. Во таа насока, Општината воведе Јавен Географски информациски систем (ГИС), преку кој граѓаните добиваат бесплатен и едноставен пристап до урбанистичките планови и планските податоци за градежните парцели на територијата на општината.

Новиот Јавен ГИС портал претставува современа дигитална платформа која овозможува преку интерактивна мапа граѓаните самостојно да ги разгледуваат важечките урбанистички планови и да добијат информации за конкретни градежни парцели, без потреба од физичка посета на општинските служби. Преку порталот, корисниците можат да пристапат до податоци за намената на градежните парцели, нивната површина, површината предвидена за градење, максималната дозволена висина и катност на објектите, процентот на изграденост, коефициентот на искористеност и други значајни урбанистички параметри.

Јавниот ГИС портал е достапен преку компјутер, таблет или мобилен телефон, во секое време и од кое било место. За негово користење потребно е граѓаните да креираат бесплатен кориснички профил, по што добиваат пристап до интерактивната мапа и достапните урбанистички податоци. Платформата овозможува пребарување на градежните парцели според урбанистичкиот план и бројот на парцелата, со што се обезбедува побрзо и поедноставно пронаоѓање на потребните информации.

Со воведувањето на оваа дигитална услуга се овозможува значителна заштеда на време, се поедноставува пристапот до планската документација и се унапредува информираноста на граѓаните, инвеститорите и сите заинтересирани субјекти.

Податоците достапни преку порталот имаат информативен карактер, додека за официјални постапки и понатаму е потребно обезбедување соодветна документација издадена и заверена од Општина Илинден.

Јавниот ГИС портал е достапен на следниот линк: https://ilinden.ins.com.mk/NexusPublicPortal/PublicPortal/Map

ПРИЛОГ: Јавен ГИС портал на општина Илинден – Упатство за корисници (PDF)

Facebook
X
LinkedIn
Print
Email