Улица 9 бр. 38, 1041 Илинден • 02/2571-703
Република Македонија

Општина Илинден

Новости

ООУ „Ристо Крле“ подготвено за новата учебна година

ООУ „Ристо Крле“ подготвено за новата учебна година

Во насока на континуирано подобрување на условите за воспитно-образовниот процес и создавање современа, функционална и пријатна средина за учениците, во ООУ „Ристо Крле“ во изминатиот период беа реализирани повеќе активности за уредување и опремување на училишните простории и дворот.

Увид во спроведените активностите изврши градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој нагласи дека е извршено комплетно опремување на кабинетот по македонски јазик со нови клупи, столчиња, интерактивна смарт табла, фото тапет со македонската азбука, како и нови роло завеси, со што кабинетот доби современ и функционален изглед, прилагоден на потребите на наставата.

„Дополнително, реновирани се соблекувалните, каде се монтирани нови шкафчиња за безбедно чување на спортската опрема и личните предмети на учениците. Во училиштето е извршено и молерисување на просториите, со што дополнително е освежен и уреден училишниот простор.“ – истакна градаоначалникот Георгиевски.

Активностите опфатија и уредување на училишниот двор, каде се поставени камени клупи и маси со табли за шах, кои на учениците им овозможуваат нов простор за дружење, одмор и развивање на логичкото размислување преку игра.

Посетата на градоначалникот Георгиевски е дел од активностите за увид во подготвеноста на основните училишта на територијата на Општина Илинден во пресрет на почетокот на новата учебна година. Со реализираните активности и подобрените услови за настава и престој, ООУ „Ристо Крле“ подготвено ќе ги отвори вратите за учениците на 1 Септември, обезбедувајќи уредна, функционална и пријатна средина за успешен почеток на учебната година.

Facebook
X
LinkedIn
Print
Email