Општина Илинден продолжува со реализација на активности насочени кон уредување и модернизација на јавните простори, со акцент на спортските игралишта, парковите и детските катчиња. Целта е создавање поквалитетни, побезбедни и современи услови за спорт, рекреација и активно поминување на слободното време.
Во таа насока, започнати се активности за унапредување на мултинаменското спортско игралиште во населено место Илинден, во рамки на ПООУ „Гоце Делчев“, при што ќе се реализираат повеќе зафати за подобрување на неговата функционалност и условите за користење.
На игралиштето ќе бидат поставени ПП пластични спортски плочки, соодветни за играње кошарка и фудбал, четири нови метални кошаркарски обрачи со мрежи, нова пластифицирана мрежа и нова заштитна јутена мрежа од коноп, со што се зголемува безбедноста и функционалноста на спортскиот простор.
Со реализираните активности ќе се создадат подобри услови за спорт и рекреација, пред сè за учениците од ПООУ „Гоце Делчев“, а спортскиот терен ќе биде отворен и достапен и за сите граѓани. Општина Илинден и во наредниот период ќе продолжи со вложувања во спортската инфраструктура, со цел создавање современи, функционални и безбедни спортски содржини за учениците и целата локална заедница.