Продолжуваат градежните активности за реализација на капиталниот проект за изградба на фекална канализација во дел од населеното место Миладиновци, во Општина Илинден, при што во рамки на досегашните активности изградени се над 1.700 метри канализациска мрежа.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид во текот на градежните работи, при што истакна дека проектот опфаќа изградба на примарна канализациска мрежа со краци и приклучоци, во вкупна должина од околу 4.570 метри, која ќе биде поврзана со постојната пречистителна станица.
„Со реализацијата на овој проект се предвидува приклучување на повеќе од 100 домаќинства, а по неговото целосно завршување, Миладиновци ќе добие целосна покриеност со фекална канализациска мрежа“, истакна градоначалникот Георгиевски.
Општина Илинден продолжува со вложувањата во изградба и модернизација на комуналната инфраструктура, со цел обезбедување поквалитетни услови за живот и поефикасни комунални услуги. Реализацијата на ваквите капитални проекти претставува значаен придонес кон заштитата на животната средина и одржливиот развој на населените места во општината.