Општина Илинден овие денови живее во знакот на фудбалот и спортот. На спортските терени во Илинден, Марино и Кадино се одигруваат натпреварите од меѓународниот фудбалски турнир „Илинден Куп 2026“, на кој учествуваат околу 222 фудбалски екипи од 13 европски земји, како и екипи од 17 градови од Македонија.
Турнирот официјално беше отворен на фудбалскиот терен во Марино од страна на покровителот и градоначалник на Општина Илинден, Александар Георгиевски. Пред бројната публика и љубителите на фудбалот, градоначалникот го прогласи турнирот за отворен, упатувајќи им топло добредојде на гостите и посакувајќи им на младите фудбалери успешни натпревари и фер спортска игра.
Георгиевски упати благодарност до организаторот, Фудбалската школа „Гроздановски“, за одличната организација и истакна дека ваквите спортски настани имаат значајна улога во промовирањето на спортот и дружењето. Тој порача дека и во иднина Општина Илинден ќе продолжи да ги поддржува и поттикнува спортските манифестации од ваков карактер.
На спортските терени во Илинден, Марино и Кадино во текот на турнирот се очекуваат атрактивни и возбудливи фудбалски натпревари, проследени од голем број љубители на спортот.
Најдобрите екипи ќе бидат прогласени во недела, 13 септември 2026 година, кога градоначалникот Александар Георгиевски ќе ги додели медалите, наградите и пехарите на најуспешните учесници.