Во рамки на меѓународната програма за размена на искуства и добри практики „NetZeroCities“, градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, е дел од студиска посета на Сараево, Босна и Херцеговина, заедно со претставници од Мол де Вал, Шпанија и Галвеј, Ирска.
Студиската посета е насочена кон размена на знаења, искуства и успешни практики во областа на климатската неутралност и одржливиот урбан развој, со фокус на мерки за одржлив транспорт, користење обновливи извори на енергија, енергетската ефикасност, современо управување со отпадот и зголемување на зелените површини, со крајна цел создавање климатски неутрални средини и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Во рамки на посетата, градоначалникот Георгиевски ја посети Градската управа на град Сараево, а состаноци се одржаа и во Парламентот на Федерацијата Босна и Херцеговина. Исто така, беше остварена посета и на град Источно Сараево, Република Српска. Посетите беа можност за запознавање со функционирањето на институциите, размена на искуства, како и разговори за можностите за унапредување на меѓуинституционалната и меѓународната соработка.
Градоначалникот Георгиевски истакна дека меѓународната соработка е од особено значење за понатамошниот развој на Општина Илинден, нагласувајќи дека и во иднина ќе продолжат заложбите за нејзино продлабочување и развивање, со крајна цел унапредување на условите и квалитетот на живот на граѓаните.
Со учество во ваквите меѓународни програми, Општина Илинден продолжува да ги следи современите европски практики и да разменува искуства со градови и општини од Европа, со цел стекнатите знаења и позитивни примери да придонесат кон креирање нови локални политики и проекти за одржлив развој.