Општинската зграда на Општина Илинден добива целосно нов, модерен и функционален изглед преку темелно реновирање на објектот. Со реализацијата на овој значаен проект, по повеќе децении, општинската зграда за првпат ќе биде целосно обновена и прилагодена на современите стандарди за работа и функционирање.
Во рамки на активностите целосно се отстранува постојниот дотраен кров и кровната конструкција, која зафаќа површина од околу 400 м², а ќе биде поставен нов современ кровен систем, кој ќе обезбеди поголема трајност, стабилност и сигурност на објектот, како и подобра заштита од атмосферски влијанија, со можност за поставување фотоволтаици. Со ова значително ќе се подобрат условите во објектот и ќе се намалат потребите од идни интервенции и поправки.
Постоечката столарија, врати и прозорци кои се во дотраена состојба, ќе бидат заменети со нови ПВЦ прозорци со подобри термоизолациски карактеристики. Со нивната замена ќе се придонесе кон подобра топлинска изолација на објектот. Исто така ќе се изврши и обновување на фасадата со цел поголема енергетска ефикасност и создавање попријатни услови за престој и работа во општинските простории.
Дополнително, од надворешната страна на објектот ќе бидат поставени челични скали, кои ќе овозможат директен и безбеден пристап до поткровниот простор кој зафаќа површина од околу 260 м² и ќе се користи како место за магацински шростор и складирање на архивски материјал. Овој зафат има за цел да ја подобри функционалноста на објектот и да го олесни пристапот при негово одржување, користење.
Во рамки на реновирањето предвидена е и промена на електричната инсталација, со што ќе се зголеми безбедноста и сигурноста на електроенергетскиот систем во објектот. Ќе биде поставена соодветна изолација, а ќе биде извршена и комплетна замена на постојните подови. На тој начин, обновувањето нема да биде само визуелно, туку ќе опфати и суштинско подобрување на функционалноста, безбедноста и енергетската ефикасност на објектот.
Увид во текот на работните активности денес изврши градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој истакна дека општинската зграда досега никогаш не била целосно реновирана од нејзиното постоење.
„Ова е значаен проект за Општина Илинден, бидејќи за првпат по нејзиното постоење општинската зграда добива целосно реновирање и модернизирање. Со оваа инвестиција објектот ќе добие современ и енергетски ефикасен изглед, вработените од општинската администрација ќе добијат подобри и поквалитетни услови за работа, а граѓаните ќе добијат подобри услови при користењето на услугите на Општината“, Нашата цел е општината да биде современа, функционална и достапна за секој граѓанин. Инвестициите во инфраструктурата не се само инвестиции во објекти, туку и инвестиции во подобри услуги, подобри услови за работа и поквалитетно секојдневие на граѓаните“ истакна градоначалникот Георгиевски.
Тој додаде дека модернизацијата на општинската зграда е дел од континуираните активности за подобрување на општинската инфраструктура и создавање подобри услови за сите граѓани.
Со реализацијата на проектот ќе се подобри и работната средина за вработените во општинската администрација, кои секојдневно се во директен контакт со граѓаните и се одговорни за обезбедување низа услуги од локално значење. Обновените и функционални простории ќе овозможат поефикасно одвивање на работните процеси и подобра организација на административните услуги.
Реконструкцијата воедно претставува вложување во долгорочната одржливост на објектот. Со новата кровна конструкција, подобрената изолација, новите прозорци и реконструираната електрична инсталација, ќе се создадат услови за поефикасно користење на енергијата и намалување на трошоците за одржување во иднина.