Во пресрет на големиот христијански празник Илинден – 2 Август и патрониот празник на Општината, Општина Илинден реализираше значајна хуманитарна акција, насочена кон обезбедување прехранбени и хигиенски производи за социјално ранливите семејства и граѓани.
Акцијата, организирана во духот на солидарноста и заедничката грижа, под мотото „Подај рака – хумана општина Илинден“, беше успешно спроведена во соработка со Црвениот крст. Во рамките на оваа благородна акција беа дистрибуирани околу 70 хуманитарни пакети, со цел и најранливите категории граѓани достоинствено и со празничен дух да го одбележат овој значаен ден.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, нагласи дека токму празничните денови се потсетник на вистинските човечки вредности – меѓусебната поддршка, хуманоста и солидарноста. Тој истакна дека секое семејство заслужува да ги почувствува празничната топлина, мирот, хармонијата и сигурноста, без оглед на животните предизвици со кои се соочува.
Општина Илинден и понатаму останува посветена на развивање на одговорна, инклузивна и хумана општина. Преку силната соработка со бизнис секторот, граѓанските организации и сите општествено одговорни субјекти, ќе продолжи да реализира активности кои ја поттикнуваат емпатијата, заедништвото и грижата за секој граѓанин, создавајќи средина во која достоинствениот живот, еднаквите можности и меѓусебната поддршка претставуваат трајни и препознатливи вредности.