Најуспешните спортисти од Општина Илинден и оваа година ќе добијат финансиска поддршка како признание за своите спортски достигнувања. Општина Илинден објави Јавен повик за доделување еднократни субвенции на спортисти кои се жители на општината и кои во изминатиот период оствариле значајни резултати.
Право на аплицирање имаат спортисти од Општина Илинден кои настапувале на Олимписки игри, светски, европски, балкански и државни првенства, без ограничување на возраста и спортската категорија, а резултатите треба да бидат постигнати во текот на 202 година. Финансиска поддршка можат да добијат и спортисти кои настапуваат во екипни спортови како членови на спортски клубови или национални репрезентации.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, истакна дека локалната самоуправа и оваа година продолжува со мерката за поддршка на успешните спортисти, со цел да ги награди нивните врвни достигнувања и да ги мотивира младите таленти да продолжат со развојот и остварувањето на нови спортски успеси.
Јавниот повик предвидува повеќе категории на финансиска поддршка. За првата категорија е предвиден износ до 150.000 денари, за втората до 130.000 денари, за третата до 100.000 денари, за четвртата до 80.000 денари, а за петтата категорија до 40.000 денари.
Јавниот повик е отворен од денот на неговото објавување и ќе трае до 15.09.2026 година, период во кој сите заинтересирани спортисти ќе можат да ги достават своите барања.
Дополнителни информации за условите, потребната документација и начинот на аплицирање можат да се добијат во просториите на Општина Илинден или преку официјалната веб-страница на Општината.