Општина Илинден, во соработка со Волонтерски Центар Скопје, реализираше серија интерактивни едукативни обуки наменети за различни категории граѓани. Активностите беа насочени кон унапредување на знаењата и вештините во повеќе значајни области, меѓу кои социјална и финансиска едукација, врсничко образование, родова еднаквост, недискриминација и јакнење на капацитетите на граѓанските организации.
Обуките се одржаа во Домот на култура „Илинден“ и во текот на неколку дена привлекоа голем број учесници од различни возрасни групи. Покрај теоретските обуки, присутните активно се вклучија во практични активности и дискусии, преку кои имаа можност да ги применат стекнатите знаења, вештини и да разменат искуства во дадените области.
Ваквите едукативни настани претставуваат значаен придонес за локалната заедница, бидејќи создаваат отворен, инклузивен и современ простор за учење, личен развој и граѓанска активност. Тие придонесуваат кон подигнување на свеста за важни општествени прашања и поттикнуваат активно учество на граѓаните во заедницата.
Со поддршка на ваквите иницијативи, Општина Илинден продолжува да инвестира во развојот на човечките потенцијали и во создавањето услови за современо, инклузивно и европски ориентирано локално општество.