Општина Илинден започна со асфалтирање на локалниот патен правец што ги поврзува населените места Мршевци и Дељадровци, проект од особено значење за подобрување на локалната патна инфраструктура и безбедноста во сообраќајот.
Увид во градежните работи изврши градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој истакна дека реконструкцијата на оваа делница претставува еден од приоритетните инфраструктурни проекти кој директно ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу населените места, побезбеден сообраќај и поквалитетни услови за живот на граѓаните од овие населени места.
Во рамки на проектот се врши целосна реконструкција и асфалтирање на патот во должина од околу 1.800 метри, со проширување на постојниот коловоз, како и изградба на тротоар во ширина од 1,5 метри во населените делови низ кои поминува делницата. Со реализацијата на овој капитален проект значително ќе се подобри безбедноста и функционалноста на патот за сите учесници во сообраќајот.Општина Илинден и во наредниот период продолжува со реализација на инфраструктурни проекти насочени кон рамномерен локален развој и создавање современи услови за живот во сите населени места на општината.

