Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид на новата цистерна за перење на улици и достава на пивка вода на Јавното комунално претпријатие (ЈКП) „Илинден“. Со ова, се прави чекор напред во унапредување на услугите, при што за првпат се овозможува континуирано перење на главните улици низ општината, нова услуга која досега ја немале граѓаните, а е од особена важност за подобрување на хигиената на јавните простори низ општината.

Заедно со претставници на ЈКП „Илинден“, градоначалникот го разгледа новото возило – цистерна за достава на пивка вода, со капацитет од 7 м3. Ова возило ќе се користи за различни намени, вклучувајќи достава на пивка вода, полевање на садници, перење на улици и јавни површини.

„Ова новонабавено возило ќе се користи за подобрување на комуналните услуги и одржување на јавната хигиена. Но, она што е од особена важност е тоа што општина Илинден за првпат добива возило кое ќе може да се користи за интервенирање при гаснење на пожари и жаришта низ сите населени места во нашата општина, со што значително се зголемува безбедноста.“ – изјави градоначалникот Георгиевски.

Набавката на новото возило е дел од континуираните напори на Општина Илинден за подобрување на инфраструктурата на јавните претпријатија, со што се обезбедува повисок квалитет на услугите за граѓаните и се поттикнува одржливото функционирање на комуналните служби.