Во Општина Илинден, на 23, 24 и 25 април (четврток, петок и сабота), ќе се одржи второто издание на Регионалниот саем за економски развој „ЕКСПО ИЛИНДЕН 2026“, кој ќе се реализира во спортската сала „Гоце Делчев“ во Илинден.

Станува збор за регионален настан под покровителство на Општина Илинден, во организација на Панекс Експо, насочен кон промоција на економскиот потенцијал на регионот. Главната цел и оваа година е поврзување на локалните компании, претприемачи, инвеститори и останати релевантни чинители, со цел поттикнување на економскиот раст и отворање нови можности за развој.

Во текот на трите дена ќе се претстават компании од повеќе области, вклучувајќи индустрија, градежништво, земјоделство, туризам, угостителство и технологија. Саемот ќе понуди простор за размена на идеи, искуства, контакти и проекти — елементи клучни за современ економски напредок. Програмата предвидува и забавен сегмент со вечерни активности, создавајќи можности за неформално вмрежување.

Посетителите ќе можат да го посетат саемот во сите три дена, во периодот од 11:00 до 18:00 часот.