Со бројни спортски активности и изложбени работилници учениците од ООУ „Гоце Делчев“ го одбележаа патронатот на училиштето и 119. годишнината од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Традиционално одбележувањето на патрониот празник почна со положување на свежо цвеќе пред бистата на македонскиот великан Гоце Делчев, еден од најголемите идеолози на народноослободителното движење на македонскиот народ кон крајот на 19-от и на почетокот на 20-от век.
Во име на општина Илинден свежо цвеќе положи делегација предводена од градоначалникот Александар Георгиевски. Освен претставниците на ООУ „Гоце Делчев“, букети свежо цвеќе положија и претставниците на Сојузот на борците, на јавните претпријатија, претставници на Советот на родителите и граѓани. Веднаш по ова следуваше настап на училишниот оркестар, како и рецитал на којшто учествуваа повеќемина ученици.