Општина Илинден од денес до недела ќе пулсира во духот на спортот. На спортските терени во Марино и Кадино се одржуваат фудбалските натпревари во рамки на меѓународниот фудбалски турнир „ИЛИНДЕН КУП 2023“. На турнирот учествуваат околу 120 европски, балкански и македонски клубови со околу 1000 учесници деца на возраст од 8 до 12 години.

„ИЛИНДЕН КУП 2023“ денеска на фудбалскиот терен во Марино го отвори покровителот, градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски. Тој пред голем број присутни љубители на фудбалот го прогласи турнирот за отворен, на гостите им посака топло добредојде, а на играчите им посака убава спортска игра. Градоначалникот  се заблагодари и на организаторот на турнирот Фудбалската школа „Гроздановски“ за одличната организација и порача во иднина да се одржуваат што повеќе вакви спортски настани, а Општина Илинден секогаш ќе ја дава нејзината поддршка.

На терените во Марино и Кадино се очекува овие три дена публиката да проследи интересни фудбалски натпревари, а прогласувањето на најдобрите ќе биде в недела, на 17.09.2023 година, кога ѝ градоначалникот Георгиевски ќе ги додели наградите и пехарите.