Општина Илинден во соработка со Велосипедската федерација на Република Македонија, организира Велосипедска трка на територија на општина Илинден која ќе се одржи утре (недела), со времетраење од 12:00 до 16:00 часот.
Велосипедската трка која е дел од официјалниот календар на државни првенства за велосипедисти, ќе се вози во должина од 100 километри, ќе биде од кружен карактер и ќе се одвива по следнава траса: СТАРТ спортска сала ,,Гоце Делчев” кон општинската зграда, надвозникот во н. Илинден кон Ајватовци, потоа Мршевци, Дељадровци,Текија, Миладиновци, Кадино, Марино и назад ЦЕЛ – сопртска сала ,,Гоце Делчев”.
Велосипедската трка е од ревијален карактер на која ќе учествуваат околу 70-тина натпреварувачи од повеќе клубови од државата во категориите: У-23, јуниори, жени, кадети, мастерс, и елит.
По стартот на професионалната трка ќе се одржи и трката за рекреативци која ќе стартува од пред спортската сала ,,Гоце Делчев”, потоа кон Марино, назад кон Илинден, по улица ,,8”, нов кружен тек, улица ,,9” се до спортската сала ,,Гоце Делчев”. Општина Илинден ги повикува да учествуваат сите љубители на велосипедизмот а особено младите да дојдат со своите велосипеди да се дружат и забавуваат во спортски дух.
Со цел успешно и безбедно одржување на настанот ќе бидат превземени мерки за посебен сообраќаен режим на сообраќајот, долж предвидените тркачки патеки. Општина Илинден упатува апел до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници по трасите каде што ќе се движат натпреварувачите.