Советот на Општина Илинден го усвои Буџетот за 2022 година, со вкупна вредност од 362.829.000 денари или приближно 6 милиони евра.
Анализата на приходите и расходите на Општината во буџетот за минатите години и планираните реални расходи за 2022 година се земени како основа во проектирањето на Буџетот на Општина Илинден, со развојна компонента при што е применет партиципативниот принцип на буџетирање, како и следење на реалните потреби и барања на локалната заедница при дефинирање на програмите за развој.

Посебен акцент во основниот буџет за 2022 година во износ од 128.345.000 денари е ставен на капиталните расходи кои завземаат 35,40% од планираните средства во вкупниот буџет, додека капиталните расходи во основниот буџет завземаат 58,56%.

Значителен дел од капиталните расходи се планирани во програмата за изградба и реконструкција на локалните улици и патишта, односно се планира за подобрување на патната инфраструктура, подобрување на инфраструктурата во стопанските комплекси и во локалните економски зони и одржување на постојната патна инфраструктура.

За капиталните расходи во образованието наменети се средства за изградба на ново училиште во општината.

Голем дел од капиталните расходи се планирани и во делот на заштита на животната средина, за изградба на фекална канализација и пречистителни станици, чистење на одводни канали и речни корита, одржување чистота на јавни површини, одржување, уредување и проширување на јавни зелени површини и пошумување, како и субвенции на граѓаните за потикнување на заштита на животната средина.

ЛИНК: БУЏЕТ НА ОПШТИНА ИЛИНДЕН ЗА 2022 ГОДИНА