Во присуство на голем број граѓани, родители и деца денеска беа пуштени во употреба новите простории, односно доградбата на ЈОУДГ „Гоце Делчев“ во Илинден. На свеченоста присуствуваа премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, градоначалникот на Општина Илинден Александар Георгиевски, пратеници, советници.
Во своето поздравно обраќање градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски истакна дека во моментов во овој дел согласно потребите на градинката, ќе бидат сместени најмалите дечиња, односно јаслените групи, но со можност во иднина тука да се згрижуваат дечиња од сите возрасти, односно до 6 годишна возраст. Па така овој објект во даден момент ќе може да згрижува и до 60-тина дечиња.
-Со пуштањето во употреба на ова крило моментално, комплетно го решаваме проблемот со згрижување на деца во градинка на територија на Општина Илинден, односно листата на чекање за упис во градинка во овој момент е практично нула, со што сме една од ретките општини во скопскиот регион кои немаат проблем со згрижувањето на деца, Иако, проблем со згрижување ќе немаме сепак нашите идни планови не застануваат тука, односно нашата цел како локална самоуправа е оваа градинка да добие уште еден клон на нова локација со што проблемот ќе го решиме и во перспектива. Затоа што Општина Илинден е брзорастечка Општина кадешто бројот на население брзо се зголемува, пред се кај популацијата на млади брачни парови, коишто својата иднина ја гледаат во нашата општина, изјави градоначалникот Георгиевски.
Премиерот, Христијан Мицкоски му честиташе на градоначалникот Георгиевски за брзата реализација на проектот, кој е еден и од неговите предизборни ветувања. Тој истакна дека навистина ваквите проекти ја враќаат довербата, дека не се сите исти и можело поразлично, секој ден нов проект секој ден ново исполнето ветување, ново очекување на граѓаните кое е испорачано, а така ќе се продолжи и понатаму.
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани истакна дека во соработка со општините кои најдобро ги знаат потребите на граѓаните, ќе продолжат да инвестираат во изградба на објекти и содржини кои ќе им овозможат на децата да растат, учат и се развиваат, на најдобар можен начин. Затоа што, раниот развој на децата е клучен за обликување на нивните идни способности, вештини и здравје,“ посочи Лимани.
Изградбата на објектот траеше околу 9 месеци со средства комплетно обезбедени од Буџетот на Општина Илинден и дополнително, опрема која треба да ја обезбеди Министерството за социјална политика, демографија и млади. Објектот е околу 300м² бруто површина, се состои од 2 затворени и две отворени занимални (тераси), посебен влез со хол, тријажа и чајна кујна.