Во присуство на премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, министерот за здравство, Азир Алиу, градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, пратеници, директори, советници, како и голем број граѓани и претставници на локалните институции, денес беше свечено отворен новиот Здравствен дом во Илинден. Овој објект претставува капитална инвестиција од големо значење за жителите на општината. Изграден е на две нивоа, со површина од околу 600 м², според највисоките современи стандарди и ќе обезбеди примарна и специјалистичка здравствена заштита.

Градоначалникот Георгиевски истакна дека овој проект е резултат на долгорочно ветување, реализиран преку дијалог и соработка со граѓаните, и дека иако изградбата на здравствени установи не е директна надлежност на локалната самоуправа, општина Илинден ја препознала потребата за ваков објект. Тој посочи дека новиот здравствен дом значително ќе ги подобри условите за работа на здравствените работници, ќе отвори нови работни места и ќе обезбеди побрз пристап до здравствена заштита без потреба од патување до други општини.

Градоначалникот Георгиевски упати благодарност до сите кои придонесоа за реализацијата на проектот, вклучувајќи ги Министерството за здравство, проектантите, изведувачите, граѓаните и институциите на централно ниво, а посебно до премиерот Мицкоски, кој ја поддржа оваа визија уште од самиот почеток.

„Овој Здравствен дом е инвестиција во достоинството, сигурноста и здравјето на нашите граѓани. За современ, функционален и хуман Илинден – за Илинден во кој секој човек има пристап до квалитетни јавни услуги,“ истакна градоначалникот Георгиевски.

Општина Илинден продолжува со имплементација на проекти кои ќе го подобрат квалитетот на живот на своите жители, потврдувајќи ја својата посветеност на благосостојбата на секој поединец.