Денес, на 26 јуни, во спортската сала „Гоце Делчев“ во Илинден, официјално започна Првиот Регионален саем за економски развој – „ЕКСПО ИЛИНДЕН 2025“. Настанот го отворија градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, и заменик министерот за економија, Марјан Ристески. Во своето обраќање, градоначалникот ја нагласи важноста на саемот како стратешка платформа за економско поврзување и развој.

Пред отворањето, градоначалникот Георгиевски и заменик министерот Ристески остварија работна средба на која се разговараше за потенцијалот на Илинден како растечка општина, како и за значењето на ваквите иницијативи за поттикнување на регионалниот развој.

На настанот присуствуваа и пратеничката Драгана Бојковска, советници од Советот на Општина Илинден, претставници од државни институции, директори на јавните претпријатија на општината, како и бројни претставници на стопанството, деловната заедница, домашни и странски инвеститори.

Градоначалникот нагласи дека „ЕКСПО ИЛИНДЕН 2025“ не е само изложбен настан, туку вистинска можност за соработка, размена на знаење, искуства и идеи меѓу сите чинители кои ја градат иднината на општината. Тој истакна дека Општина Илинден веќе е препознаена како економски стабилна и перспективна средина, со над 800 активни деловни субјекти и развиена индустриска зона, и дека ваквите иницијативи се силен поттик за понатамошен раст, иновации и отворање нови работни места.

Саемот продолжува и утре, 27 јуни, со изложби од повеќе сектори: индустрија, градежништво, земјоделие, туризам, технологии и услуги. Вратите се отворени за посетители од 10:00 до 18:00 часот, а вечерната програма со музика и дружење започнува од 19:00 часот на паркингот до спортската сала „Гоце Делчев“.