Безбедноста во сообраќајот е приоритет за локалната самоуправа и надлежните институции. Вечерва, на улиците во општина Илинден беше спроведена заедничка оперативна акција за зголемување на безбедноста на учесниците во сообраќајот.
Во акцијата учествуваа градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, пратеничката Драгана Бојковска, директори, советници.
Целта на акцијата беше унапредување на свеста за безбедно учество во сообраќајот, со фокус на возачите на мотоцикли, скутери и електрични тротинети. Како што информираа градоначалникот и министерот, најголем број прекршоци се регистрирани кај млади лица кои управуваат со овие превозни средства без заштитна опрема, пред сè без заштитна кацига.

Градоначалникот Георгиевски упати апел до сите млади возачи, но и до нивните родители, да бидат свесни за важноста на безбедното однесување во сообраќајот. Тој нагласи дека носењето заштитна опрема и почитувањето на сообраќајните правила можат да спасат животи.
Министерот Тошковски додаде дека Министерството за внатрешни работи ќе продолжи со спроведување на вакви контроли и активности низ целата држава, со цел подобрување на сообраќајната култура и намалување на бројот на сообраќајни несреќи.
Оперативната акција беше поздравена од граѓаните, а градоначалникот и министерот најавија дека ваквите активности ќе продолжат и во наредниот период.

