Општина Илинден продолжува со вложувања во развојот на спортската инфраструктура и унапредување на условите за младите, при што денес во спортскиот комплекс „Драго Маневски“ се одржа промоција на нова текбол маса.
Воведувањето на текбол, како современа и сè попопуларна спортска дисциплина, отвора нови можности за учениците и младите да ја подобрат својата координација, концентрација и тимска работа, како и да го зајакнат спортскиот дух. Со оваа инвестиција, СОСУ „Илинден“ станува првото училиште во државата кое располага со ваков тип спортска опрема, што претставува значаен чекор напред во образовно-спортскиот сегмент.
На настанот беа присутни Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, претставници од Јадранската текбол лига, претставници од компанијата Тримакс, директори на општинските училишта, како и голем број ученици и спортски ентузијасти.
„Со реализација на ваквите проекти создаваме современи услови за развој на младите, го поттикнуваме нивниот интерес за спорт и ги насочуваме кон здрав начин на живот. Ќе продолжиме со континуирани вложувања во образованието и спортската инфраструктура, со цел да обезбедиме квалитетна и функционална средина за сите граѓани“, нагласи градоначалникот Георгиевски.
Овој настан е дел од пошироките активности на Општина Илинден насочени кон создавање подобри услови за спорт, рекреација и правилен развој на младите генерации. Локалната самоуправа останува посветена на реализација на проекти кои промовираат здрави животни навики и придонесуваат за градење активна и силна заедница.

