Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски ја одржа втората седница на Локалниот Совет за превенција со претставници од надлежни институции, а во рамки на подобрување на јавната безбедност на територија на општина Илинден.

На оваа седница претставникот од МВР кој истовремено е и член на Локалниот совет за превенција, го презентираше извештајот со статистички податоци во однос на безбедноста во општина Илинден во текот на 2023 година. Од страна на градоначалникот и претставници од Општина Илинден беа презентирани превземените активности од Општината за подобрување на безбедноста во сите населени места.

Во рамки на седницата беа усвоени препораки и заклучоци за превземање итни мерки за превентивно делување за зголемување на јавната безбедност. Исто така,  од страна на сите присутни беше констатирано дека само со организиран пристап, меѓусебна соработка постојано и превентивно делување на терен, се овозможуваат безбедни услови за живот за сите граѓани на општина Илинден.

 Целта на Локалниот совет за превенција е утврдување на заеднички препораки за подобрување на јавната безбедност на подрачјето на Општина Илинден, како градење на доверба и партнерски однос и превенција на појавите што негативно влијаат на јавната безбедност.