Во општина Илинден во тек е реализација на капиталниот проект за комплетна реконструкција на локалниот пат, улица „532“ со должина од 2000 метри и широчина од 6 метри, како и изградба на пешачка патека со широчина од 1,5 метри. Реконструкцијата на овој локален пат којшто е од огромно значење за општината и претставува главна сообраќајна конекција меѓу населени места Илинден, Марино и Кадино е во вредност од околу 30 милиони денари.
Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, кој на самото место се запозна со текот на градежните активности изјави дека потребата за целосна реконструкција и стабилизација на патот се јави поради големата сообраќајна фрекфенција на овој локален пат, кој претставува единствен влез во една од најголемите локални економски зони во општина Илинден, економската зона Марино-Кадино.
Исто така, овој локален пат претставува и конекција со Средното општинско стручно училиште „Илинден”, детската градинка „Гоце Делчев“, Домот на култура „Марино“, како и за повеќе објекти од јавен карактер, потоа фудбалските терени во населените места Марино и Кадино, како и пешачко велосипедската патека којашто се простира по целата должина на локалниот пат, улица ,,532” која секојдневно ја користат повеќе стотици граѓани.
Со реализацијата на овој проект, како што рече градоначалникот Георгиевски, ќе се попдобри секојдневната комуникација, како и безбедноста на учесниците во сообраќајот.