Со одржување на спортски натпревари во фудбал и кошарка беа пуштени во употреба спортските игралишта за фудбал, ракомет и кошарка во ООУ Гоце Делчев, во Илинден, кои во изминатиот период беа целосно реконструирани.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски присуствуваше на свеченото пуштање во употреба на игралиштата и истакна дека учениците од ова училиште добија комплетно реконструиран и убаво уреден спортски простор, наменет за квалитетно и безбедно одржување на часовите по физичко и здравствено образование.

Во рамки на реконструкцијата поставена е заштитна ограда и метални столбови за осветлување. На игралиштето за мал фудбал, ракомет и одбојка поставени се нови голови, вештачка трева, а на игралиштето за кошарка нови табли и обрачи за кош, додека подот е поплочен со гумирана подлога. Исто така во рамки на спортските терени поставени се клупи, корпи за отпадоци, просторот е партерно уреден, со што овие спортски игралишта добија комплетно нов лик.

Средствата за реализација на овој проект се целосно обезбедени од Буџетот на Општина Илинден, а во наредниот период ќе се продолжи со изградба на нови и реконструкција на постоечките спортски терени и во останатите населени места, со цел да се добие уреден простор, но и безбеден за рекреација и забава на жителите во Општината.