Во посета на општина Илинден беше премиерот Христијан Мицкоски, кој заедно со градоначалникот Александар Георгиевски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и пратеничката Драгана Бојковска, извршија увид во тековните градежни активности за изградба на нова училишна зграда во рамки на општинското основно училиште „Гоце Делчев“ во н. Илинден.
Градоначалникот Георгиевски истакна дека со реализација на проектот ќе се создадат услови за унапредување на воспитно-образовниот процес, овозможувајќи современо, инклузивно и интегрирано образование, каде учениците ќе имаат можност да стекнуваат нови знаења и практични вештини.
Министерката Јаневска нагласи дека проектот е од исклучително значење, бидејќи едносменската настава дава голем број придобивки, како за самите ученици, така и за наставниот кадар и за родителите.
Премиерот Мицкоски посочи дека Општина Илинден, како една од најбрзорастечките општини, континуирано реализира проекти од суштинско значење за локалното население, што се потврдува и преку нивната силната и континуирана поддршка.
Со изградбата на новиот објект ќе се овозможи над 1000 ученици да ја следат наставата во една смена, што претставува значаен чекор кон подобрување на условите за учење и создавање инклузивна и современа образовна средина. Објектот ќе зафаќа површина од над 900 м² на два ката, со 10 училници, 6 тоалети, од кои 2 се наменети за лицата со посебни потреби, лифт за нивна непречена мобилност, 2 простории за складирање и наставничка канцаларија.
Овој капитален проект се реализира во соработка со Владата и Министерството за образование и наука и претставува уште еден значаен чекор во насока на создавање квалитетен, достапен и модерен образовен систем за сите ученици во општина Илинден.

