Во рамки на активностите за подобрување на комуналната инфраструктура во Општина Илинден се реализираат градежните работи за поставување и монтажа на комплетна пумпна станица односно, препумпен уред на левиот крак на колекторскиот систем Илинден-Марино.
Овој препумпен уред ќе ги зафаќа и препумпува водите од левиот крак на колекторскиот систем кој е во должина од 2,5 км, и истите ќе ги насочува кон локацијата кадешто ќе се спојуваат двата крака (лев и десен). Со ова се става во функција левиот крак од колекторскиот систем, а во наредниот период ќе следи приклучување на домаќинствата.
-Увид во работните активности направи градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски кој истакна дек инвестирањето во комуналната инфраструктура е од големо значење за локалниот економски развој, како и унапредувањето и заштитата на животната средина со што се овозможува подобрување на квалитетот на живеењето во општина Илинден. Токму затоа изградбата на фекална канализација со пречистителни станици останува еден од приоритетите во работењето на локалната самоуправа.
Инаку, колекторскиот систем се состои од два краци во вкупна должина од 5 км и ќе можат да се приклучат околу 1.130 домаќинства од населените места Илинден и Марино. Дополнително на овој колекторски систем ќе се приклучи и фекалната канализација за дел од населба Илинден од месноста викана (Плац), кадешто интензивно се реализираат градежните активности и истите треба да бидат завршени до крајот на оваа година.