Во Домот на култура „Илинден“, во присуствио на голем број граѓани на свечен начин беа отворени Деновите на културата во општина Илинден, во чии рамки се реализира и 23-та Литературна манифестација „Илинден“.

Посакувајќи им добредојде на присутните, манифестацијата ја отвори нејзиниот покровител, градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, при што истакна дека Деновите на културата се само дел од активностите што општина Илинден во текот на целата година ги презема во насока на развој и негување на културните вредности, целосно посветена пред се на потребите на младите.

Културата е многу важен симбол на културниот идентитет на секој народ, па затоа негувањето на културните вредности останува еден од приоритетите во нашето работење, истакна градоначалникот Георгиевски.

Деновите на културата беа отворени со изложба на слики на ликовниот уметник Драган Кузмановски. Со пригоден збор за Кузмановски и неговото творештво, изложбата на која се претставени 50-на негови дела, ја отвори Виолета Калиќ.

Во продолжение на вечерта љубителите на музиката можеа да присуствуваат на концерт на етно групата „Илинден“, како и да го проследат настапот на членовите Ансамблот за народни песни и игри „Илинден“.