Со проекција на филмот „Снежана на крајот умира“ започна манифестацијата „Денови на култура во општина Илинден 2025“. Вчера вечер, во Домот на култура Илинден, беше проектиран реномиран македонски филм во режија на Кристијан Ристевски. Граѓаните имаа можност да ја погледнат оваа драма со елементи на филмска комедија и да уживаат во глумата на истакнати македонски актери како Сашко Коцев, Тони Михајловски, Валентин Костадиновски и многу други.

Манифестацијата продолжи и денес со низа настани во Домот на култура. Се одржа промоција на книгата „Проникнување на тишината“ во авторство на реномираната хрватско-македонска поетеса Љерка Тот Наумовска. Промотор на книгата беше Ѓуро Видмановиќ, истакнат хрватски поет, прозаист, книжевен критичар, преведувач, историчар и дипломат. Манифестацијата продолжи со литературно матине за деца каде настапија истакнати писатели за деца и млади.

Потоа, градоначалникот Георгиевски на учениците од основните училишта на општина Илинден, кои се здобија со пофалници за најуспешни поетски творби, им додели дипломи и награди. Градоначалникот истакна дека е горд на оваа манифестација, но и дека е благодарен на сите што учествуваат, особено најмладите, кои придонесуваат за одржување и развивање на македонската култура и литература.

Манифестацијата ќе продолжи со ликовна изложба и музички колаж. Додека, централната манифестација што ќе се одржи утре во 19:00 часот во Кино салата во Домот на култура Илинден, и ќе ја отвори градоначалникот на општината, Александар Георгиевски, ќе содржи поетско читање посветено на македонската поезија и музички настап на солисти од Националната опера и балет.