Во просториите на Домот на култура „Марино“ во присуство на градоначалникот Александар Георгиевски и претставници на Црвениот крст на Македонија за прв пат во општина Илинден беше отворена канцеларија на хуманитарната организација Црвен крст.
Главна цел на отворањето на оваа канцеларија е хуманитарните услуги да бидат поблиску до граѓаните, како и намалување на човечкото страдање и градење на силни механизми за намалување на последиците од хуманитарните предизвици.
За време на отворањето на канцеларијата потпишан е Договор за соработка меѓу Црвениот крст на Македонија и општина Илинден. Целта на овој договор е воспопставување на заеднички иницијативи и нивна реализација како и обезбедување на меѓусебна поддршка, заеднички настап и координација во делувањето на реализација на програми и проекти од надлежност и интерес на Црвениот крст на Македонија и општина Илинден.
Потпишувањето на овој договор, отворањето на канцеларијата, како и формирањето на основната организација Илинден е плод на долгогодишната успешна соработка во промовирањето на солидарноста меѓу Црвениот крст и општина Илинден.