Општина Илинден, во партнерство со Здружението „Моето гнездо“, во рамки на Третиот јавен повик за развој на социјални услуги, започнува со реализација на нова социјална услуга „Помош и нега во домот“. Услугата е наменета за лица над 65 години, како и за лица со попреченост, со цел да им се обезбеди континуирана грижа во домашни услови, која ќе ги поддржи во подобрувањето на самостојноста и достоинствениот живот.
Овој проект кој беше предвиден во предизборната програма, како и во Стратешкиот план на Општина Илинден за периодот 2022-2026 година, е уште едно исполнето ветување на градоначалникот Александар Георгиевски, а е од особено значење за Општина Илинден, каде во моментов нема лиценцирани даватели на вакви услуги. Според податоците од Пописот во 2021 година, во општината има 1.463 лица со попреченост, вклучувајќи 539 постари лица со телесни попречености и 131 лице со оштетување на видот.

Градоначалникот Александар Георгиевски истакна дека со воспоставување на оваа услуга, Општина Илинден ја потврдува својата заложба за подобрување на животните услови за своите граѓани, како и дека локалната самоуправа работи на изработка на социјален план кој ќе овозможи системско планирање на социјалните услуги според потребите на граѓаните.
Со оваа иницијатива, Општина Илинден се позиционира како пример за одговорна општина која вложува во достоинствена грижа, инклузивност и подобар квалитет на живот за сите граѓани, а особено за оние на кои поддршката им е најпотребна.