По барање на граѓаните, а со цел поефикасно справување со проблемот со бездомни и нерегистрирани кучиња, Општина Илинден и во 2026 година продолжува со доследна примена на одредбите од Законот за заштита и благосостојба на животните.

Постапувајќи по пријави од граѓаните и согласно издадени налози за работа, по извршени контроли на терен, бездомните кучиња се заловуваат и соодветно се третираат. Во изминатиот период, во повеќе наврати беа заловени неколку кучиња, при што приоритет се дава на просторите околу училиштата, детската градинка, јавните установи, како и на други фреквентни локации и улици во централното подрачје на општината.

При изведување на овие активности често се утврдува дека дел од заловените кучиња се микрочипирани, односно имаат сопственици, поради што трошоците за нивно заловување и третман се плаќаат од страна на сопствениците.

Општина Илинден апелира до сите сопственици на кучиња, без разлика дали се регистрирани или не, да покажат одговорност, да се грижат за своите миленици и да не ги оставаат без надзор на јавни површини.

Исто така, доколку забележите дека од страна на непознати лица се врши истоварање на кучиња во населените места низ општината, апелираме да ги запишете регистарските таблички на возилата и да се јавите во службите за инспекциски надзор во рамки на Општина Илинден со цел истите соодветно да постапат.