Општина Илинден продолжува со чистење на каналската мрежа и речните корита на нејзина територија. Согласно Годишната програма на Општината, Годишната програма на Водостопанство и Акциониот план за чистење на каналската мрежа на територија на општина Илинден,  во тек е чистење на коритото на Сува река на потегот од Бучинската брана кон местото наречено Дол на изворот на реката во должина од 900 метри.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски направи увид во работните активности и истакна дека редовното одржување на каналската мрежа во Општината е од големо значење и останува во приоритетите на локалната самоуправа.

Во текот на наредниот месец предвидено е чистење на Ободен канал во н. Илинден на потегот од автопатот кон локалната економска зона Стопански комплекс Илинден во должина од 3000 метри.