Се одржа Првата работилница за изработка на Стратешки план за развој на Општина Илинден за периодот 2027–2031 година, документ што ги дефинира развојните приоритети, стратешките цели и клучните проекти за локалната заедница.

На работилницата присуствуваше градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој истакна дека подготовката на новиот Стратешки план претставува значаен процес преку кој се утврдуваат насоките за понатамошен одржлив развој на општината.

„Општина Илинден во континуитет бележи развој во повеќе области, а изработката на новиот стратешки план претставува можност заеднички да ги дефинираме приоритетите и потребите на граѓаните, стопанството и институциите. Само преку партнерски пристап и активно учество на сите релевантни чинители можеме да креираме реални и остварливи развојни политики што ќе придонесат за подобар квалитет на живот за сите граѓани“, истакна градоначалникот Георгиевски.

Во рамките на работилницата беше презентирана методологијата за подготовка и динамиката на активностите што следуваат. Учесниците имаа можност да дадат свои предлози и согледувања во однос на клучните предизвици и потенцијали за развој на Општина Илинден, при што беа отворени повеќе теми поврзани со локалниот економски развој, инфраструктурата, животната средина, образованието, културата, спортот и јавните услуги.

Изработката на Стратешкиот план за развој на Општина Илинден 2027–2031 година ќе се реализира преку инклузивен процес што ќе овозможи активно учество на сите релевантни чинители, со цел креирање на сеопфатен и одржлив документ кој ќе биде патоказ за идниот развој на општината.

Општина Илинден останува посветена на транспарентно и одговорно планирање, со фокус на потребите на граѓаните и создавање услови за континуиран економски и општествен развој.

Архива: Стратешки планови на општина Илинден