Општина Илинден и оваа година продолжува со негување и промоција на културата, литературата и уметноста преку манифестацијата „Денови на културата“, која ќе се одржи на 11, 12 и 13 мај 2026 година во Домот на култура „Илинден“. 

Манифестацијата започнува на 11 мај (понеделник), кога во кино салата на Домот на култура „Илинден“, со почеток во 12:00 часот, ќе биде изведена детската претстава „Распеана турли тава“, во режија на Снежана К. Руси. Во претставата ќе настапат актерите Борче Нацев, Снежана К. Руси, Софија Н. Трифуновска и Надица Д. Јовановска.

Во вторник, на 12 мај, ќе се одржи традиционалното Литературно матине за деца, на кое ќе учествуваат познати македонски писатели за деца и млади. По тој повод ќе бидат доделени награди и пофалници за најуспешните ученички литературни творби, како и признанија за автори кои придонесуваат во развојот на литературата за деца и млади. Истата вечер, со почеток во 18:00 часот, посетителите ќе имаат можност да проследат културно-уметничка програма која вклучува отворање на ликовна изложба, настапи на културно-уметнички друштва, танцов клуб и музички изведби на ученици од општина Илинден.

Централниот настан ќе се одржи на 13 мај (среда), со почеток во 19:00 часот, во кино салата на Домот на култура „Илинден“. Пред присутните ќе се обрати покровителот на манифестацијата, градоначалникот на Општина Илинден, м-р Александар Георгиевски, по што ќе следува поетска вечер посветена на современата македонска родољубива поезија. Во рамки на програмата ќе настапи и познатата македонска музичка уметница Лидија Кочовска.

Со организацијата на „Денови на културата“, Општина Илинден продолжува активно да го поддржува културното творештво и да создава простор за афирмација на македонските автори, уметници и млади таленти, придонесувајќи за збогатување на културниот живот во општината.