Во рамките на деновите на културата во општина Илинден и Литературната манифестација „Илинден 2022“ во Домот на култура „Илинден“ се одржа традиционалното Литературно матине за деца на кое учениците од општина Илинден имаа можност да се дружат со најистакнатите македонски писатели за деца и млади.
Во полната сала на Домот на култура „Илинден“ со бурни аплаузи поздравени, пред најмладите со своите најнови творби се претставија писателите Стојан Тарапуза, Горјан Петрески, Перо Миленковски, Наум Попески, Мито Спасевски, Славка Арсова, Мишо Китаноски, Ксенија Маказиева Трајчева, Христо Петревски и Васил Мукаетов.
Традиционално и годинава во рамките на Литературното матине за деца беа наградени најдобрите творби на учениците коишто учествуваа на конкурсот што го организираше општина Илинден, по повод Литературната манифестација „Илинден“.
Според зборовите на претседателот на жири комисијата којашто ги избра најдобрите песни од учениците, Перо Миленковски, на конкурсот пристигнале голем број квалитетни песни, така што биле изложени на слатки маки да ги изберат трите најдобри од секое училиште.
Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски на авторите на на најдобрите песни им подари пригодни награди и принанија.
Признанија за особен придонес во развојот на културата и културните вредности, градоначалникот Георгиевски им додели и на писателите за деца и млади коишто учествуваа на Литературното матине.