Отпочна изградбата на новиот дел за доградба на централниот објект на детската градинка „Гоце Делчев“ во општина Илинден, каде на свеченоста покрај големиот број присутни беа и градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски како и Подпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.
Со доградбата на централниот објект на Детската градинка Гоце Делчев ќе се изградаат 2 занимални во кои ќе бидат згрижени околу 35 на возраст од 9 до 24 месеци. Доградбата ќе се простира на 280м2 бруто површина, а ќе биде изведена согласно правилникот за стандарди и нормативи за вршење на дејност. Во дворот ќе бидат изградени два детски парка, и тоа парк со детски реквизити и парк за моторен развој на децата.
Градоначалникот Александар Георгиевски изјави дека со оваа доградба, детската градинка „Гоце Делчев“ ќе располага со вкупно 22 групи распоредени во 2 објекти и ќе бидат згрижени вкупно 560 деца, такашто со овој проект комплетно ќе се реши проблемот со недоволен згрижувачки капацитет со кој се соочувавме во текот на изминатите 14 години. Покрај градежните работи во градинката, градоначалникот додаде дека во Општина Илинден се работи и на многу други проекти во делот на патната инфраструктура, каде се работи на реконструкција на повеќе улици во неколку населени места. Тој потенцираше дека до крајот на годината ќе бидат асфалтирани околу 30 улици. Потоа се работи на изградба нова фекална канализација, се вршат приклучоци на домаќинствата кон канализацијата, во завршна фаза е колекторскиот систем Илинден-Марино, се работеше и во делот на изградба и реконструкција на спортските терени во Кадино, Миладиновци, Мралино, Илинден, трим патека од Ајватовци до Бучинци. Градоначалникот потенцираше дека сите овие проекти на кои се работи се финансираат од Буџетот на Општина Илинден.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го поздрави проектот за проширување на градинката и тоа што градоначалникот и Општината прават големи напори да реализираат проект повеќе и покрај потешкотиите со кои се соочува за обезбедување на средства. Овој објект ќе претставува место за дечињата каде ќе можат да другаруваат и да ги стекнат основните знаења кои понатаму ќе бидат важни во нивниот живот и развој како возрасни луѓе. Илинден е Општина која исклучително квалитетно се развива и ова проширување е повеќе од потребно, со што ќе се добие место каде ќе можат сите дечиња да бидат згрижени, а на тој начин и родителите релаксирани за да ги извршуваат работните обврски.
Во рамки на посетата градоначалникот Георгиевски и претседателот Мицкоски извршија увид и на работните активности на капиталниот проект за изградба на нова фекална канализација во месноста викана Плац, која е во должина од 4200 метри како и изградба на препумпни уреди, односно ќе се зафати површина од 46 хектари.