Општина Илинден, по бројни реакции од страна на граѓаните во врска со јавниот градски превоз, ги известува сите жители на општина Илинден дека сите мерки во рамки на општината, во врска со ургенции, барања и известувања за редовноста на автобусите се поднесени до Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) и до Град Скопје.

Општината, како локална самоуправа, ги известува граѓаните дека автобускиот превоз е под надлежност на Град Скопје и Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), со што наша обврска и надлежност како локална самоуправа е да реагираме по барањата и поплаките од страна на граѓаните во врска со проблемот којшто се јавува со јавниот превоз во изминатиов период.

Нашата обврска кон Јавното сообраќајно претпријатие е уредно подмирена во законски предвидените рокови, со што би требало да има непрекинат и постојан автобуски превоз за патниците во сите населени места низ кои се движат автобусите назначени за територија на општина Илинден. Исто така, од страна на Општина Илинден, до Одделението за јавен превоз, мониторинг и контрола на Град Скопје, се поднесени сите неопходни барања, ургенции и известувања, коишто може да ги разгледате во прилог.