Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски оствари средба со Дарио Ивановски, еден од најдобрите македонски атлетичари, човекот кој е актуелен рекордер на Македонија во 9 (девет) атлетски дисциплини и во 20 наврати ги има урнато националните рекорди.
На средбата стана збор за значењето и влијанието на спортот и физичката култура врз животот на младите, при што посебно беше истакнато дека спортувањето е еден од условите за постигнување на здраво тело и здрав дух кај секој млад човек.
Ивановски кој е државен првак на Македонија со остварени најдобри времиња во сите дисциплини од 800 метри до маратон во последните шест сезони и освојувач на многу медали од меѓународни натпревари, го запозна градоначалникот со идните планови во развојот на неговата богата спортска кариера.
Градоначалникот Георгиевски, честитајќи му на постигнатите извонредни резултати, истакна дека спортот и младите ќе бидат во фокусот на неговиот четиригодишен мандат како градоначалник затоа што, како што рече, смета дека младите генерации во општина Илинден заслужуваат подобри услови и поквалитетен спорт во иднина.
Инаку, Дарио Ивановски е единствениот Македонец кој победил на Скопскиот интернационален маратон во генерален пласман во сезоната 2021, и е избран за најдобар атлетичар на Македонија за 2017, 2018 и 2019-та година.