Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид во тековната работа на детската градинка „Гоце Делчев“, каде во моментов се одвиваат градежни активности за изградба на нова централна кујна, а набавени се и четири прочистувачи за воздух сместени во заедничките простории, како и реквизити наменети за подобрување на моторниот развој кај децата.

Проектот за изградба на нова современа кујна, со површина од 150 м², претставува значаен чекор кон подобрување на грижата за децата во општината. Новата кујна ќе биде усогласена со највисоките хигиенски и технички стандарди и ќе има капацитет за подготовка на повеќе од 600 оброци дневно. Освен за потребите на градинката, оброци ќе се доставуваат и до основните училишта во општината каде има продолжен дневен престој.

Паралелно, со оваа инвестиција, општината отвора и нов простор за згрижување деца, така што старата кујна ќе се пренамени во две нови занимални, со што капацитетот на градинката ќе се зголеми за уште 50 дечиња, и градинката ќе може да згрижи вкупно 650 деца.

Оваа иницијатива е дел од пошироката стратегија на Општина Илинден за поддршка на раниот детски развој и унапредување на воспитно-образовниот процес. Во изминатиот период, општината вложи значајни средства во обнова и проширување на градинката. Беше извршена доградба во вкупна површина од 300 м², се реконструираше кровот, партерно и хортикултурно беше уреден дворниот простор со нови детски реквизити, а исто така, беше набавена и нова детска опрема.

Општина Илинден останува посветена на спроведување на проекти со конкретен ефект во областа на образованието, здравството, социјалната заштита и инфраструктурата.