Во првите 100 дена од мојот нов мандат како градоначалник на Општина Илинден, покажавме дека довербата што повторно ни ја дадоа граѓаните значи уште поголема одговорност, посветеност и работа со јасна цел, континуиран развој и подобар квалитет на живот за граѓаните на Општина Илинден.

Новиот мандат го започнавме со силно темпо во подобрување на патната и на комуналната инфраструктура. Во тек е изградбата на нов плочест мост и сервисната улица „500“, и започната е изградба на улица „103“ во месноста Јака, целосно е реконструирана и улица „30“ во населба Илинден. Поставивме нова сообраќајна сигнализација во сите населени места, изградивме заштитна ограда околу комплексот „Драго Маневски“ и нов паркинг простор кај СОСУ „Илинден“. Продолживме со чистење на каналската мрежа, ја доведуваме во завршна фаза изградбата на фекалната канализација во н.м. Кадино и работиме на поставување нов препумпен уред во населба Илинден. Целосно ја изработивме проектната документација за фекална канализација во н.м. Миладиновци, а во тек е подготовка на документација за н.м. Ајватовци и н.м. Бунарџик. Ова се системски решенија што носат долгорочна стабилност за жителите на Општина Илинден.

Паралелно вложуваме и во унапредување на јавните услуги. Во тек е реконструкција на покривот на административната зграда на јавните комунални претпријатија, набавивме нова опрема за потребите на ЈКП „Илинден“ и спроведовме редовна дезинфекција, дезинсекција и дератизација. Во рамки на иницијативата „Зелена Општина Илинден“ засадивме околу 600 нови дрвца, затоа што верувам дека развојот има вистинска вредност само ако оди рака под рака со грижата за животната средина и здравјето на граѓаните.

Посебен акцент ставивме на младите и на образованието. Инвестиравме во училиштата, обезбедивме смарт таблети за учениците во средното училиште и за дел од учениците од основните училишта. Изградбата на централната кујна во ЈОУДГ „Гоце Делчев“ е во завршна фаза, со што ќе се започне и со пренамена на постојната кујна во простории за згрижување на уште повеќе дечиња. Извршивме реконструкција и опремување на голем дел од училниците во сите општински основни училишта. За првпат воведовме финансиска поддршка за првачиња, ја зголемивме поддршката за новороденчиња и субвенциите за млади претприемачи, затоа што силна општина се гради со силни семејства и образовани млади луѓе.

Во овие 100 дена покажавме дека Илинден останува место каде се негуваат културата, спортот и заедништвото. Организиравме бројни настани, изложби и спортски активности. Потпишавме и меморандуми за подобрување на економските и социјалните услуги, со што наскоро ќе се обезбедат логопедско-дефектолошки услуги за деца со попреченост, како и услуги во домот за највозрасните жители на локално ниво. Потпишавме и меморандум за организација на втор економски саем, со цел дополнително унапредување на локалната економија.

Овие први 100 дена се потврда дека се движиме во вистинска насока, со јасно дефинирани приоритети, стабилен пристап и конкретни резултати. Продолжуваме да ја градиме Општина Илинден како модерна, функционална и просперитетна општина. Во наредниот период ќе продолжиме со бројни инфраструктурни, комунални, образовни, социјални, културни, спортски и многу други активности во интерес на сите граѓани. Продолжуваме напред, со конкретни чекори и мерливи резултати за подобар Илинден. Нашата определба останува да создаваме средина во која секој граѓанин ќе биде вреднуван, слушнат и испочитуван.