Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски заедно со директорите на јавните претпријатија и денес го посети Регионалниот саем за економски развој – „ЕКСПО ИЛИНДЕН 2025“ кој се одржува два дена во спортската сала „Гоце Делчев“ во Илинден.

На саемот кој е од изложбен карактер учествуваат над 40 компании од областа на индустријата, градежништвото , земјоделството, туризмот, прехрамбената индустрија, услугите и новите технологии. Саемот е простор за соработка, размена на искуства, деловно вмрежување, отворање нови можности и нови работни места.

Градоначалникот Георгиевски стави посебен акцент на младите и иновативните претприемачи, кои се двигател на современиот развој и ги повика инвеститорите и деловни субјекти да ја препознаат општина Илинден како стабилен, отворен и проактивен партнер, кој нуди сигурна и конструктивна средина за раст и заеднички успех.

Овој саем е конкретен чекор напред, иницијатива која го потврдува капацитетот на Илинден дека е регионален економски центар, двигател на соработка и на промени.

Посетителите ќе имаат можност да го посетат саемот денес до 18:00 часот, а вечер од 20:00 часот почнува забавниот дел на оваа саемска организација со музички настап на Сања Тодоровиќ на паркингот до спортската сала „Гоце Делчев“.