Општина Илинден на 13, 14 и 15 мај 2025 година, ќе ги реализира традиционалните Денови на културата, во чии рамки во Домот на култура „Илинден“ ќе се одржи 26-та Литературна манифестација „Илинден 2025“, со поддршка на Министерството за култура и туризам, а во соработка со Друштвото на писателите на Македонија.

И оваа година во програмата на Деновите на култура е прикажување на кино проекција на игран филм. За љубителите на филмот, на 13 мај (вторник) со почеток во 19:00 часот, во кино салата на Дом на култура „Илинден“ ќе се прикажува игран филм „Снежана на крајот умира“ во режија на Кристијан Ристески.

На 14 мај (среда) ќе се одржи, промоција на книга од македонско-хрватската поетеса Љерка Тот Наумива, како и традиционалното Литературно матине за деца со учество на повеќемина истакнати македонски писатели за деца и млади. По повод Меѓународната Литературна манифестација Општина Илинден распиша литературен награден конкурс на тема ,,Пролетта во мојот крај” за учениците од општинските основни училишта, пришто на Литературното матине за деца ќе бидат прочитани и наградените песни, а на учениците ќе им бидат доделени пригодни награди. Дел од манифестацијата е ликовна изложба на младата Марта Патлиџанкова, како и културно уметничката програма со настап на АМПИ ,,Илинден”, КУД „Гоце Маркоски„ балетско студио „Марбал“ како и музички колаж на (индивидуален настап на ученици од општина Илинден).

Централен настан на манифестацијата што се реализира со поссршка на Министерството за култура и туризам, а во соработка со Друштвото на писателите на Македонија е поетска вечер посветена на современата македонска поезија што ќе се одржи на 15 мај (четврток) со почеток во 19.00 часот, на која ќе настапат повеќемина реномирани македонски и странски поети, како и музички настап на солистите од Националната опера и балет Никола Стојчески и Билјана Јосифов.