Делегација предводена од градоначалници, претседатели на реони и претставници на Германското здружение за развој во Молдавија, денеска ја посетија Општина Илинден и остварија работна средба со градоначалникот Александар Георгиевски и општинската администрација.

Претставниците на делегацијата од Молдавија ја посетија општина Илинден како позитивен пример во нашата држава, за економско развиена општина со голем број на инвестиции и општина која го поседува регионалниот сертификат за поволно деловно опкружување-BFC SEE.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски пред делегацијата ја презентираше Општината и нејзините главни карактеристики, како и начинот и постапката на работење на локалната самоуправа во делот на создавање на поволна инвестициска клима. Градоначалникот посочи дека покрај поволната геостратегиска положба на општината, за развојот на локалната самоуправа придонесува и исполнувањето на стандардите во работењето и реализирањето на општинските услуги кои ги овозможува општинската администрација во повеќе области.  Воедно со делегацијата беше направена посета и на неколку локални економски зони како и се остварија контакти за понатамошна, идна заедничка соработка.