Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, во својот кабинет ги прими членовите од клубот Хулк Академија – Центар за боречки вештини од Илинден кои на Државното првенство во џиу џица што се одржа минатиот викенд во спортската сала „Гоце Делчев“ во Илинден, освоија златни, сребрени и бронзени медали.

На натпреварот учествуваа 10 претставници од Општина Илинден пришто се пофалиja со државен шампион во Јуниори до 69 кг. Никола Тасевски. На средбата со градоначалникот потенциран беше и успехот на Стефани Трајчевска во олимписко таеквондо на турнирот Fenix Open во Ниш, Р. Србија кој со 3 победи беше прогласена за најдобра јуниорка на турнирот.

Во оваа пригода градоначалникот Георгиевски упати честитки за освоените места, пришто истакна дека Општина Илинден се повеќе станува расадник на успешни спортисти. Тој потенцираше дека е исклучително среќен што имаме вакви промотори на спортот во нашата општина, место каде што младите може да се насочат на спорт, на здрав начин на живот и да се оттргнат од технологијата.

Во Хулк Академија тренираат околу 80 членови во различни дисциплини, а во блиска иднина престојат значајни натпревари на кои тренерите ветуваат успеси со посветена и напорна работа.