Со цел да се обезбеди проточност на каналската мрежа, во рамките на Акциониот план за чистење на каналската мрежа на територија на општина Илинден за 2023 година, Годишната програма на Општината и Годишната програма на Водостопанство-Скопско поле, во координација со АД Водостопанство-Скопско поле Скопје,  ЈКП ,,Илинден”  и граѓаните од почетокот на годината досега исчистени се околу 7 километри отворени одводни канали што се наоѓаат на територија на општина Илинден.

Според градоначалникот Александар Георгиевски, со редовното одржување на каналската мрежа се овозможува непречен проток на атмосферските води, се спречува настанувањето на поплави и се обезбедува чиста животна средина која е еден од условите за квалитетен живот на населението. Токму поради тоа, како што вели тој, редовното чистење, нивелирање и одржување на отворените канали останува еден од приоритетите на Општината.

Согласно предвидената динамика во тек е чистење на Сува Река на потег од аеродромот ТАВ кон централниот дел во н.м Миладиновци и од вкупно предвидените 3500 метри се исчистени 4500 метри, исто така од почетокот на годината беше исчистен Ободниот канал од н.м Кадино до н.м Марино во должина од 2500метри.

Обврската за плаќање на годишен воден надомест за редовното одржување, чистење и нивелирање на отворените одводни канали во име на граѓаните Општината ја презема уште од 2010 година. Со оглед на тоа што каналите се објекти од јавен интерес, според урбанистичките планови, на овие површини не смее да се изведуваат градби или да се вршат работи со кои се загрозува стабилноста на одбранбените насипи.