Во насока на реализација на проектните активности во делот на реконструкција, рехабилитација и изградба на локални улици и патишта во општина Илинден, асфалтиран е коловозот на главниот локален пат во населено место Мралино во должина од 700 метри и ширина од 5 метри, со изградба и на нова пешачка патека со истата должина и ширина од 1,5 метри.

Градоначалникот Александар Георгиевски во присуство на претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој беше во посета на Општина Илинден, имаа увид во градежните активности.

Престедателот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски, изрази задоволство од реализацијата на проектите од програмата за работа на градоначалникот Александар Георгиевски.

– Убав ден е успешен ден кога може да се присуствува на активности кои ги реализираат градоначалниците, овде, Александар во Илинден навистина има амбициозна агенда, исклучително многу направи во оваа година откако е градоначалник и после победата во првиот круг на локалните избори, слушнавте лично, тој има со што да се пофали, и практично тоа што можеби со години тука не беше реализирано претходно, тој го направи за една година и се случува, во услови на исклучително тешки услови, енергетска и финансиска криза, можеби е добро да најавиме дека и Општина Илинден за прв пат ќе се вклучи во процесот на емисија на општинска обврзница, што е нешто како иновација и новитет, ВМРО ДПМНЕ иновира, ги следи трендовите во светот на светската економија, дополнителни средства каде што ќе можат и самите граѓани да учествуваат во реализација на проектите кои се од општествено и општинско значење, за самите нив, за децата, гледате се асфалтираат улици, се градат пречистителни станици, фекални и атмосферски канализации, водоводи, амбициозна агенда, се гради Илинден, така треба да продолжи, јас сум навистина задоволен и среќен, секогаш кога ќе се побара од мене поддршка за ваков тип на проекти, секогаш сум тука да дадам лична поддршка, и поддршката на ВМРО ДПМНЕ, убеден сум дека и предвреме ќе биде реализирана програмата со којашто Александар убедливо победи на минатогодишните избори во Општина Илинден, рече Мицкоски.

Градоначалникот Александар Георгиевски му се заблагодари на претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за присуството и несебичната поддршка која ја дава локалната самоуправа и Општина Илинден, капиталните проекти се обврска во работата во овој мандат во интерес на граѓаните.

– Најнапред сакам да го поздравам денешното присуство на претседателот Мицкоски, да му се заблагодарам за неговата несебичната поддршка на локалната самоуправа и на Општина Илинден, ќе ни биде чест и во иднина да доаѓа во посета и да пуштаме во употреба вакви капитални објекти во функција. Денес сме во населено место Мралино, каде што во тек е реконструкција на главната улица во должина од 700 метри и ширина од 5 метри, како и изградба на пешачка патека во комплетна должина со ширина од 1,5 метри, целосно финансирана од Општина Илинден од нашиот буџет. Ја пуштаме во употреба и пречистителната станица во населено место Илинден со еквалент на 1300 жители којашто ќе ги задоволува потребите на околу 330 домаќинства, пречистителна станица која се градеше овој период од стана на Општина Илинден како инвеститор, којашто е во рамки на нашата заложба за чиста животна средина и изградба на фекални колектори и пречистителни станици. Општина Илинден во овој период работи и на други тековни проекти, како што се изградба на сите премини на железничките премини кои ги реконструираме, градиме детски игралишта, градиме фекална канализација, се асфалтираат и други локални улици, оваа градежна офанзива ќе трае до декември, а имаме и нови планови за наредната година со нови проекти и ќе продолжиме да ги исполнуваме проектите кон граѓаните кои ги имаме во програмата, рече градоначалникот Георгиевски.

Овој локален пат е од големо значење за граѓаните од населено место Мралино бидејќи преку него се поврзуваат со соседните места во општината, но дополнително пред сè ќе се подобри безбедноста во сообраќајот како на возачите така и на пешаците, особено на најмладите учениците кои сега ќе ја користат пешачката патека за безбедно движење до Подрачното основно училиште „Ристо Крле“ во Мралино.