Во ЈОУДГ „Гоце Делчев“ во општина Илинден се одржа свечена приредба по повод испраќање на генерацијата дечиња кои од септември ќе ги започнат своите први училишни денови.
Преку богата музичко-сценска програма, исполнета со песна и танц, дечињата ги претставија знаењата и вештините стекнати во градинката, испраќајќи порака на благодарност до своите воспитувачки и негувателки за посветеноста, грижата и љубовта што им ја пружаа во изминатите години.
На настанот присуствуваше градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој им го честиташе успешно завршениот престој во градинката на идните првачиња и им посака многу успех, нови пријателства и одлични резултати во образовниот процес. Воедно, тој изрази благодарност до воспитно-згрижувачкиот кадар и сите вработени во установата за нивната професионалност и посветеност во воспитувањето и образованието на најмладите жители на општината.
Свечената приредба се одвиваше во весела и емотивна атмосфера, збогатена со креативна сценографија и шарени костими претставувајќи ги различните култури низ целиот свет, а бројната публика со голем аплауз ги награди настапите на дечињата.

