Во амфитеатарот при Домот на култура „Илинден“ се одржа 12. издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Св. Троица“, под покровителство на Општина Илинден и во организација на КУД „Гоце Марковски“.

Фестивалот започна со свечено дефиле на учесниците, кои придружувани од звуците на зурли и тапани продефилираа од ПООУ „Гоце Делчев“ низ главната улица во н.м Илинден. Настанот беше збогатен со изведба на големо интернационално оро кај кружниот тек, по што програмата продолжи во Домот на култура „Илинден“.

Пред бројната публика настапија фолклорни ансамбли од Србија, Бугарија, Чиле и Босна и Херцеговина, како и домашните ансамбли КУД „Гоце Марковски“ и АНПИ „Илинден“, кои преку богата програма ја претставија традицијата, музиката и фолклорното наследство на своите земји.

На фестивалот присуствуваше и градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој на учесниците им додели пригодни подароци и плакети со грбот на Општина Илинден, како знак на благодарност и признание за нивниот придонес во зачувување и промоција на културните вредности.

„Меѓународниот фолклорен фестивал „Св. Троица“ има за цел преку фолклорот да ги поврзе народите, да поттикне нови пријателства и да придонесе кон зачувување на традицијата и културното наследство. Воедно, фестивалот претставува можност младите генерации да се запознаат со македонскиот фолклор, култура и обичаи, но и со традициите на другите земји.“ – истакна градоначалникот Герогиевски.

Општина Илинден и понатаму ќе продолжи да ги поддржува културните манифестации кои придонесуваат за развој и афирмација на културното богатство и традиционалните вредности.